Проекти

Лексикографската дејност како интегрален дел од филолошките науки

Научноистражувачки проект за систематско зајакнување и развој на лексикографската дејност.

За проектот

Проектот „Лексикографската дејност како интегрален дел на филолошките науки“ се темели на три главни постулати.

Постојна лексикографска дејност

Првиот постулат е постојната лексикографска дејност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, документирана и преку следниве изданија:

  • Марков Б., Ермакова Л., Краток фразеолошки руско-македонски речник: (учебно помагало). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“; 1981. 83 стр.
  • Мургоски З., Речник на македонскиот јазик (прво издание). Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“; 2005.
  • Мургоски З., Толковен речник на современиот македонски јазик (второ проширено и преработено издание). Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“; 2011. 1498 стр.
  • Чундева Н., Најческа-Сидоровска М., Накев С., Руско-македонски речник = Русско-македонский словарь. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“; 1997. 989 стр.
  • Тасевска Р., Речник на антонимите во македонскиот јазик со руски еквиваленти. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“; 2011. 519 стр.

Потреба од развивање на дејноста

Вториот постулат е потребата од развивање на оваа дејност на Факултетот. Во своите наставни програми, Филолошкиот факултет постојано го зајакнува преведувачко-толкувачкиот профил, како и теоретските предмети во овој и во другите профили што се нудат како можност за студирање — наставен, културолошки, книжевен и странски јазици. Оттаму произлегува потребата од изданија во вид на речници — еднојазични, двојазични и стручни — поимници и глосари, кои се примарна алатка за секој студент и наставник.

Оддел за лексикографија

Третиот постулат е дека, во недостаток од системска поставеност на лексикографската дејност, односно по досегашното искуство на непостојано и непрофилирано дејствување во оваа сфера, од голема важност ќе биде оформување посебен оддел за лексикографија при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Одделот би се посветил на изработка и издавање лексикографски изданија од споменатите типови, а подготовките и активностите за неговото оформување би произлегле од работата врз научноистражувачкиот проект.

Соработка и примена

Развивањето на лексикографската дејност со нови изданија и формирањето посебен оддел во голема мера ќе ја продлабочи соработката меѓу наставниците и истражувачите од оваа област, афилирани и при Филолошкиот факултет и кон други сродни институции во меѓународната средина.

Преку размена на знаења и податоци со колеги од странски универзитети, на редовна основа или наменски, на собири, тркалезни маси и работилници, резултатите од проектот би донеле осовременети и нови пристапи кон лексикографската обработка на јазичниот материјал, пред сѐ за македонскиот јазик, но и за странските јазици што се изучуваат кај нас.

Лексикографските изданија можат да најдат директна употреба и во неакадемски институции, како државната управа и конзуларните претставништва.

Истражувачки тим

  • проф. д-р Катерина Велјановска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, главен истражувач
  • проф. д-р Анета Дучевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • проф. д-р Гордана Алексова, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • проф. д-р Лидија Аризанковска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • проф. д-р Мира Беќар, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • м-р Љупка Евроска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач
  • м-р Моника Трпковска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач

Финансирање

Проектот се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука преку Конкурсот за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година.