Проекти

ReTrans – Работа со толкувачи во транзитни центри за бегалци

Еразмус+ проект за градење капацитети и подигнување на свеста за толкувањето во транзитни зони за бегалци.

За проектот

„Интеракција со толкувачи во транзитни зони за бегалци: градење на капацитети и подигнување на свеста во контекст на високото образование“ (акроним: РеТранс) е проект Erasmus+ KA220-HED – 2021-2-AT01-KA220-HED-000048753.

УКИМ, односно Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во соработка со Факултетот за драмски уметности, е стратешки партнер во проектот ReTrans, со времетраење од 24 месеци, од 1.5.2021 до 30.4.2023.

Стратешки партнери

  • Универзитетот во Виена, Австрија — носител на проектот
  • Дунавскиот универзитет Кремс, Австрија
  • Универзитетот во Марибор, Словенија
  • Јонскиот универзитет, Крф, Грција
  • УКИМ — Филолошки факултет „Блаже Конески“ и Факултет за драмски уметности

Цели на проектот

Надредената цел е подигнување на свеста кај академската фела и надлежните институции за предизвиците и спецификите на толкувањето во контекст на хуманитарната и прекуграничната миграција, како и придонес кон диверзификација на дидактичките материјали преку развивање разновидни едукативни алатки.

Проектот е одговор на дефицитарната академска инфраструктура за толкувањето за јавните служби, со фокус на интеракциите во транзитните зони за бегалци, при истовремено голема побарувачка на пазарот на трудот. Ова особено се однесува на Северна Македонија и Грција на јужниот раб од Балканската рута и на Австрија и Словенија, каде што главно се слеваат миграциските егзодуси. Проектот не претендира целосно да ги надмине глобалните недостатоци, туку да придонесе кон нивното ублажување преку академски пристап.

Партнерството има цел да подготви лесно пристапна дигитална платформа со современи едукативни алатки за професори и студенти, владиниот и невладиниот сектор, професионални и непрофесионални толкувачи, бегалци, мигранти и други засегнати корисници. Преку иновативни методологии и технологии се развиваат подкасти, водкасти, едукасти и симулации на автентични толкувачки интеракции.

Структура на проектот и очекувани резултати

Проектот е структуриран во четири работни фази, односно работни пакети, со јасно дефинирани резултати и надлежности на партнерските универзитети.

Прва фаза — Јонски универзитет, Крф

Изготвување извештај врз основа на анкета спроведена за потребите и предизвиците при комуникацијата во транснационалните миграциски контексти.

Втора фаза — УКИМ

Продукција на подкасти и водкасти врз основа на интервјуа, вклучувајќи прашалник, превод и титлување, со толкувачи, претставници од владиниот и невладиниот сектор, бегалци и мигранти.

Трета фаза — Универзитет во Марибор

Продукција на едукасти, односно едукативни видеа засновани на автентичните сознанија од втората фаза, во кои се прикажува соодветното и несоодветното прекугранично и хуманитарно толкување.

Четврта фаза — Универзитет во Виена и Универзитет во Кремс

Симулации на автентични толкувачки ситуации со елементи на игра, односно гејмификација, врз основа на сознанијата од претходните фази.

Интердисциплинарниот пристап го унапредува дијалогот меѓу транслатолозите и експертите за дигитализација и гејмификација, како и дијалогот меѓу високото образование и практичарите на терен.

Академски тим за имплементација

Тимот од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје го сочинуваат проф. д-р Силвана Симоска, раководител, проф. д-р Татјана Панова-Игњатовиќ и проф. д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска, во соработка со студенти од прв, втор и трет циклус. Тимот се надградува со експертизата на ред. проф. м-р Лазар Секуловски од Факултетот за драмски уметности и студентска екипа од сите три циклуси, задолжени за снимањето и постпродукциската дигитална обработка на подкастите, водкастите и дел од едукастите.