Проекти

Електронска база на усни продукции од македонски изучувачи на францускиот јазик (ФРАНКОРАЛ)

Електронски корпус на усни продукции од македонски изучувачи на францускиот јазик.

Истражувачки тим

  • д-р Милена Касапоска-Чадловска, доцент, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, главен истражувач
  • м-р Милена Недевска, виш лектор, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • м-р Анита Кузманоска, виш лектор, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
  • д-р Николче Мицкоски, асистент-истражувач, Лексикографски центар „Георги Старделов“, МАНУ, истражувач
  • д-р Бранислав Геразов, вонреден професор, Факултет за електротехника и информациски технологии, УКИМ, истражувач

Резиме на проектот

Научноистражувачкиот проект „Електронска база на усни продукции од македонски изучувачи на францускиот јазик (ФРАНКОРАЛ)“, предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, беше реализиран во текот на академската 2023–2024 година, со финансиски средства од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рамките на проектните активности беше креиран електронски репозиториум на аудиоснимки од усни продукции од македонски студенти кои го изучуваат францускиот како странски јазик.

Примерокот се состоеше од 31 актуелен и поранешен студент од Катедрата за романски јазици и книжевности, Катедрата за преведување и толкување, други катедри чии студенти го изучуваат францускиот како изборен предмет и студиската програма Применети странски јазици. Базата содржи 131 усна продукција: 28 монолози, 28 дијалози, 32 описи на фотографии и 43 аудиозаписи од читање текст на француски јазик.

Методологија и етапи

  • Прва етапа: изработка на согласност за учество, формулар со метаподатоци и јазични стимули; на етапата ѝ претходеа самостојни истражувања и консултирање обемна стручна литература од проектниот тим.
  • Втора етапа: снимање на аудиоматеријалот во лабораториски простории со кабини за конференциско толкување, со потребната техничка и информатичка опрема.
  • Трета етапа: создавање на електронската база по техничка обработка на аудиозаписите, нормализирање, компресија во MP3 и транскрибирање според однапред утврден протокол.

Цели на проектот

Проектот претставува научен придонес во методиката и дидактиката, фонетиката и фонологијата, морфосинтаксата, семантиката, прагматиката, лексикологијата, контрастивната граматика и социолингвистиката. Има практична вредност во педагошката работа и унапредувањето на наставните програми по француски јазик на сите образовни нивоа. Материјалот е директно применлив во наставата, а студентите од прв, втор и трет циклус можат да реализираат истражувања засновани на современи научни методи и емпириски податоци.

Резултати од проектот

Снимениот аудиоматеријал е поставен на бесплатната европска платформа Zenodo. Создадено е и мрежно место за хостирање на базата, поддржано од платформата TEI:TOK — Francoral Project. Во моментов се достапни основни пребарувања, а се развиваат дополнителни функционалности. Базата е достапна за корпусни јазични истражувања поврзани со меѓујазикот и усвојувањето на францускиот како странски јазик.

Научноистражувачки активности

  • Меѓународен научен собир „Втори романистичко-балканистички средби“, 12–13 декември 2024 година.
  • Манифестација Денови на Франкофонијата, март 2025 година, со кратка работилница за транскрибирање усни продукции.
  • Студиски ден во рамките на проектот БИБЛИЛИТЕФРА, Универзитет во Љубљана, 2–4 април 2025 година.

Истражувачки резултати

  • Kasaposka-Chadlovska М., Nedevska М., Kuzmanoska А., Mickoski N., Gerazov B., Méthodologie pour la constitution de FRANCORAL (base de productions orales d’apprenants macédoniens de la langue française), „Втори романистичко-балканистички средби“, 12–13 декември 2024.
  • Nedevska М., Les erreurs dans l’usage des prépositions françaises simples (analyse des productions orales de la base FRANCORAL), „Втори романистичко-балканистички средби“, 12–13 декември 2024.
  • Nedevska М., Предизвикот да се зборува на француски како придонес во научното истражување: перспективи на истражувачите и на учесниците во проектот, БИБЛИЛИТЕФРА, 2–4 април 2025.
  • Kasaposka-Chadlovska, M., Nedevska M., Morphosyntactic Errors in the Oral Interlanguage of Macedonian Learners of French as a Second Language, SinFonIJA 18, 26–27 септември 2025.
  • Употреба на глаголските времиња во усното изразување на изучувачите на францускиот како странски јазик: анализа на аудиоснимки од електронската база ФРАНКОРАЛ — дипломска тема во тек на изработка.

Опремена акустична просторија

Во рамките на проектот беше набавена професионална аудиоопрема, поставена во соодветно опремена акустична просторија реализирана со финансиска помош од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Просторијата ќе овозможи континуирана работа на јазични бази и корпуси од наставноистражувачкиот кадар и студентите.

Перспективи за користење и надградба

  • Директна примена во наставата по француски јазик
  • Развој и модернизација на студиските програми по француски како странски јазик
  • Наставен материјал адаптиран на потребите на македонските изучувачи на француски
  • Надградба со видеоснимки за истражување гестови и невербална комуникација
  • Збогатување со усни продукции од изучувачи на други странски јазици
  • Збогатување со усни продукции од студенти по симултано и консекутивно толкување
  • Меѓународни партнерства, размена на податоци и компаративни студии со паралелни корпуси

Финансирање

Проект финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.