Научно и општествено значење
Имајќи предвид дека станува збор за необработени материјали од највисоко национално и научно значење, се очекува проектот да овозможи проучување на научниот и книжевен придонес на Конески од нови перспективи, современо претставување на неговиот лик и дело, како и примена на архивскиот материјал во наставно-образовни цели и во промоција на македонскиот јазик и книжевност во светот.
Проектот се вглобува во современите светски текови во хуманистичките истражувања, во кои особено внимание се посветува на обработка на архивската граѓа, како една од најважните форми на културно наследство.
Се очекува, исто така, овој проект да овозможи надградба на капацитетите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ за дигитализација на вреден книжен материјал. Проектот ќе ја зајакне, исто така, и соработката меѓу различни институции кои се грижат за македонскиот јазик и книжевност и ќе предложи модел за обработка и претставување на архивски материјал од други важни книжевници и научници.