Романистичко-балканистички теми
Можни насоки
Романистиката и балканистиката, сфатени во поширока смисла на зборот, можат да се разгледуваат низ призмата на следниве области: јазик, книжевност, културолошки студии, дидактика, преведување, толкување, балканистиката низ призмата на романистиката и на славистиката (македонистиката).
Темите што ги отвора секоја од тие области можат да се обработуваат од синхрониска или од дијахрониска гледна точка.
Јазик
Темите од областа на науката за јазикот можат да бидат поврзани со сите лингвистички дисциплини, а особено со: фонетиката и фонологијата, морфологијата, синтаксата, семантиката и прагматиката, лексикологијата и лексикографијата, стилистиката, фразеологијата и паремиологијата.
Јазичните појави што се предмет на интерес може да се разгледуваат не само од аспект на стандардниот јазик туку и на дијалектно ниво, од еднојазична или од повеќејазична компаративна или контрастивна перспектива, како и во контекст на сè поинтензивната примена на новите технологии.
Книжевност
Проучувањето на книжевностите на романските и на балканските народи може да опфаќа недоволно истражени теми од областа на историјата на книжевноста, а и теми што се предизвик за современите филолошки теории и се актуелни во современите проучувања на книжевностите на романските и на балканските јазици (херменевтика, теорија на интертекстуалноста, книжевна критика, теории на рецепцијата).
Културолошки студии
Посебностите на културите на романските и на балканските народи, како и сличностите и разликите меѓу нив, се постојан предизвик на романистиката и на балканистиката во поширока смисла, па оттаму, би било интересно да се разгледаат низ современите пристапи во културолошките студии во однос на одделни општествени пројави (навики, обичаи, институции и други општествени манифестации).
Дидактика
Темите од областа на дидактиката може да бидат поврзани со изучувањето и со предавањето на романските и на балканските јазици како странски, од аспект на теоријата и на практиката: иновативни пристапи, примери на добри практики, стратегии на учење и на предавање на романските и на балканските јазици, развивање на јазичните и на комуникациските компетенции на изучувачите, употреба на информатички технологии и на дигитални алатки во наставата по романските и по балканските јазици и сл.
Оваа област може да се разгледува од еднојазична или од повеќејазична перспектива.
Преведување
Темите од областа на преведувањето можат да се разгледуваат од теориска или од практична гледна точка, од аспект на евалуацијата во наставата по преведување, на преведувачката критика, на интеркултурната димензија на преведувањето, на односот меѓу преведувањето и терминологијата, како и на еволуцијата на преведувањето во дигиталната ера.
Толкување
Толкувањето (консекутивно и симултано) може да се обработува низ призмата на следниве теми: теоретски и методолошки пристап на толкувањето и на наставата по толкување; дискурсот во контекст на толкувањето (формален, спонтан говор, толкување за медиумите); толкувањето во контекст на глобализацијата: предизвиците на мултилингвизмот и на мултикултурализмот; толкувањето и новите технологии.
Балканистиката низ призмата на романистиката и на славистиката (македонистиката)
Темите од областа на балканистиката се неисцрпни, особено низ преплетот на романистиката и славистиката, во чиј центар на проучување е и македонскиот јазичен ареал.
Овој собир е отворен за широкиот дијапазон прашања што ја допираат оваа област од аспект на различни лингвистички теории: јазични сојузи, меѓујазични контакти и интерференции на различно јазично рамниште (фонетско, морфолошко, синтаксичко, семантичко, лексичко, фразеолошко), јазични интерференции на стандардно и на дијалектно ниво, билингвизам, јазични и културни конвергенции и дивергенции.