Филолошкиот факултет поседува и своја издавачка дејност. Покрај издавањето учебници за потребите на наставата, разни информативни и прирачни книги за студентите, се издаваат и низа монографски трудови од разни области на филолошките науки, речници и други лексикографски трудови, како и зборници на трудови од конференции, преводи и пригодни изданија по повод значајни јубилеи и годишнини.
Во периодот до 1974 година, кога Факултетот е во состав на Филозофскиот факултет, издадени се 42 тома на Годишниот зборник во кои се објавени бројни и забележливи трудови од областа на филологијата. Годишниот зборник на Филолошкиот факултет станува основно академско гласило на нашата институција по конституирањето на Филолошкиот факултет како одделна единка, донесувајќи секоја година низа значајни прилози во секциите посветени на јазикот, дидактиката, книжевноста, културата, преведувањето, толкувањето и сл.
Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици во периодот од 1950 – 1953 година го основа и го издава месечниот билтен Македонски јазик, кој од 1954 година прераснува во списание што понатаму го издава Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”. Катедрата за источнословенски и западнословенски јазици и книжевности почнувајќи од 1976 година го издава списанието Славистички студии. Оваа катедра го издава и списанието Folia Philologica Macedono-Polonica.
Од 2018 година Филолошкиот факултет го издава и меѓународното електронско научно списание од областа на филолошките науки, Современа филологија/ Journal of Contemporary Philology, кое излегува двапати годишно. Во списанието, кое е веќе индексирано во неколку бази за хуманистика и општествени науки, соработуваат членови на Факултетот, како и реномирани истражувачи на јазикот, литературата и културата од земјата и од странство.
Во целина земено, Филолошкиот факултет веќе има низа изданија со кои зазема значајно место во издавањето научни трудови во РМ и во светот, а има добра перспектива таквата дејност уште повеќе да се развива и на научен и на практичен план.
Учебници и прирачници
Списанија
Зборници
- Folia Philologica Macedono-Polonica 9-10
Folia Philologica Macedono-Polonica 9-10 е зборник од Десеттата македонско-полска научна конференција, одржана на 15 и 16 јуни 2017 година во рамките на Меѓународниот славистички собир.