Факултет

ЦЕТИС МАК | CETIS MAK

Соопштение: Испит по македонски јазик за странци

Испитот по македонски јазик за странци ќе се одржи на 23.9.2025 (вторник) во 10:00 ч. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

За испитот треба да се уплатат 80 ЕУ во денарска противвредност според курсот на Народна банка на денот на уплатата. Најдоцна до 22.9.2025 г., на мејлот cetismak@flf.ukim.edu.mk, треба да се испрати копија од уплатата во банка и од пополнетата пријава за испитот.

Подготвителна настава по македонски јазик за странски студенти

Наставата што ја организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се одржува со физичко присуство во просториите на Факултетот. Наставата започнува на 21.10.2024 г.

Запишаните кандидати треба да испратат e-mail на cetismak@flf.ukim.edu.mk заради регистрирање на нивните e-mail адреси како контакт за информирање.

Цената изнесува вкупно 25.000 денари, од кои 10.000 денари се уплаќаат на сметка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а 15.000 денари на сметка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

  • Копија од извод од матичната книга на родени.
  • Копија од диплома за завршено средно образование.
  • Копија од патна исправа – пасош.

Двете уплатници и документите треба да бидат доставени во Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

За ЦЕТИС МАК

Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски/втор јазик – ЦЕТИС МАК е оформен во 2007 година, во рамките на проект од ТЕМПУС-програмата.

ЦЕТИС МАК претставува единствен центар од ваков вид во Република Македонија, каде што се врши тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски јазик според европски стандарди.

ЦЕТИС МАК е организациона единица на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во рамките на Факултетот дејствува во најтесна соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Основна дејност на ЦЕТИС МАК е организирање и изведување на Тестот по македонски јазик како странски јазик – ТЕМАК и издавање на соодветен сертификат за нивото на познавање на јазикот.

  • Настава по македонски јазик како странски јазик во соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици или со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во летните школи.
  • Обука за овластени испитувачи за заинтересираните кандидати.
  • Изготвување студиски и предметни програми за македонски јазик како странски јазик во соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.

Пријавување за ТЕМАК

Пријавувањето се врши со пополнување на специјалниот формулар за пријавување и со уплаќање на предвидената сума на жиро-сметката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје.

  • Кандидатите треба да имаат навршено 18 години.
  • Кандидатите треба да го познаваат кириличното писмо.
  • Кандидатите треба да носат документ за лична идентификација на денот на тестирањето.

За ТЕМАК

ЦЕТИС МАК во текот на целата календарска година организира индивидуални и групни тестирања по македонски јазик како странски јазик за почетно, средно и напреднато рамниште.

ТЕМАК им е наменет на говорителите на кои македонскиот им е странски јазик, а кои сакаат да се здобијат со официјален сертификат за степенот на познавање на македонскиот јазик.

ТЕМАК е оформен во согласност со стандардите претставени во Заедничката европска рамка за референтност на јазиците поставена од Советот на Европа во 2001 година. Почетното рамниште најблиску соодветствува на А1, средното на Б1, а напреднатото на Ц1.

Делови на тестот

  • Слушање (разбирање на говорен текст).
  • Читање (разбирање на пишан текст).
  • Пишување (способност за создавање кохерентен пишан текст).
  • Зборување (говорна интеракција и говорна продукција).

Пријава и уплата

  • Почетно рамниште – денарска противвредност на 80 евра по средниот курс на НРБСМ.
  • Средно рамниште – денарска противвредност на 100 евра по средниот курс на НРБСМ.
  • Напреднато рамниште – денарска противвредност на 120 евра по средниот курс на НРБСМ.

На денот на испитот

Пријавените кандидати се должни да носат документ за лична идентификација (пасош или лична карта), копија од уплатницата и копија од пополнетата пријава.

Контакти

Раководител на ЦЕТИС МАК

проф. д-р Анета Дучевска